Целта на оваа студија беше да се утврди корелацијата помеѓу КЕП (Кариес, Екстракција, Пломба) индексот на 12-годишни деца и концентрацијата на флуорот во водата за пиење од населените места каде што децата живеат. Материјал и методи: Во испитувањето беа опфатени 129 ученици од 2 централни и 2 подрачни основни училишта, на кои им се одреди КЕП индексот. Децата живеат во градот Струмица и 3 различни села. Деветнаесет примероци на вода беа земени од испитуваната област за да се одреди концентрацијата на флуор со помош на електрохемиски метод користејќи го јонометарот (pH/ISE meter-Thermo-Orion) со специјална Ф-електрода (Thermo Orion Ion Plus Fluoride Electrode) на Институтот за јавно здравје. За одредување на корелацијата помеѓу одредените варијабли беше користен Spearman-овиот метод. Резултати: Вкупниот број деца во испитуваниот примерок изнесуваше 129, од кои 59 (45,7%) беа од женски и 70 (54,3%) од машки пол. Просечниот КЕП индекс кај оваа група деца изнесуваше 1,94, со стандардна девијација од ±2,5. Максимални концентрации на флуор во водата за пиење од 1,36 ppmF беа утврдени во селото Банско и од 0,36 ppmF во селото Муртино, додека минимални (0,08 ppmF) во градот Струмица. Корелацијата помеѓу вредноста на КЕП индексот кај децата на возраст од 12 години од Југоисточниот регион и концентрацијата на флуорот во водата за пиење постоеше негативна, индиректна корелација, со вредност на коефициентот r =-0,16. Заклучок: Корелацијата помеѓу КЕП индексот и концентрацијата на водата за пиење е негативна, индиректна корелација, и оваа корелација е статистички значајна (p˂ 0,05).